На регионалната конференција присуствуваа над 70 учесници од четири земји на Западен Балкан со цел да разговараат како да се подобри состојбата на жените Ромки во регионот. Меѓу нив се и членките на националната неформална мрежа на организации и индивидуалци за Мониторинг и пишување извештаи за имплементацијата на CEDAW и Истанбулската конвенција. На регионалната конференција воедно беше презентиран Регионалниот извештај за усогласеноста на CEDAW и Истанбулската конвенција во однос на дискриминацијата на жените Ромки во областа на здравствената заштита, рани, малолетнички бракови и понудата на поддршка и заштита на жените Ромки во случаи на семејно насилство.
Регионалниот извештај е подготвен врз основа на национални извештаи од четири земји на Западен Балкан (Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина).
Националниот извештај на Македонија е инициран и предводен од страна на РАЖМ „Лулуди“ и подготвен од страна на формираната мрежа од организации и индивидуалци: Организација на жените на општина Свети Николе-owmsvn, Кризен Центар „Надеж”, Иницијатива на жени од Шуто Оризари, Новинари за човекови права, Терно Вас, Женска граѓанска иницијатива „Клеа”, Гордана Несторовска, Даниела Антоновска, Анита Илиевска.
Оваа регионална конференција е завршниот настан од проектот „Обединети против насилството врз жените“ имплементиран од регионалното партнерство на РАЖМ „Лулуди“, Бибија (Србија), Отахарин (БИХ) и Млади Роми (Црна Гора).
Проектот е дел од регионалната програма “Implementing Norms, Changing Minds: Ending Violence Against Women in the Western Balkans and Turkey” , спроведена од страна на UN Women, а со поддршка од Европска Унија.





