Завршна конференција на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“

Ромската асоцијација на жени и млади „Лулуди“ на 27 мај, 2021г., организираше онлајн завршна конференција со цел одбележување и затворање на јавната кампања како и презентирање на постигнатите резултати од проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“, спроведен со добиената поддршка од заедничката програма на Европска Унија и Советот на Европа – Хоризонталeн инструмент за Западен Балкан и Турција2019-2022 година“ (Horizontal facilitiy II).

Настанот го отвори претседателката на РАЖМ „Лулуди“, Кјмет Амет, која ги поздрави присутните и испрати благодарност за успешната соработка со локалните општини, средните училишта и средношколците упатувајќи расположеност и повикување за продолжување на заедничката соработка и делување во подобрување на положбата на младите особено девојките во општеството. Свое излагање земаа проектниот офисер на канцеларијата на Совет на Европа во Скопје – г-а Јасмина Димитриева, која што ги претстави тековните активности и поставени цели на програмата на Совет на Европа и Европска унија Хорзонтален инструмент за Западен Балкан и Турција. По ова следеше излагање на г-а Светлана Влаховиќ – Заменик координатор на Националната комисија за спречување и борба против трговијата со луѓе и илегална миграција која даде вовед во делувањето на Националната комсија и вклучените државни институции, меѓународни организации и национални организации кои заемно работат согласно своите ингеренции на оваа тематика. Воедно беше даден и краток осврт на моменталната состојба на државата – Минатата година беа идентификувани 7 жртви од кои што 6 домашни, 1 жртва од друга држава. Она што загрижува дека најчесто една жртва е субјект на сите форми на експлоатација, а најалармантно е дека најголемиот број на жртви се деца. Воедно искажа отвореност и расположеност на комисијата за соработка и вклученост во иницијативи на оваа тематика.

„Основната задача на сите нас е да ја подгинеме свесноста за ризиците од трговија со луѓе и истовремено да пратиме една порака до секој граѓанин особено до младите дека сите ние сме еден дел од еден широк фронт за борба против ТЛ. Во секој од нас лежи моралната, но и законска обврска да пријави било какви индиции, сомневање за постоење на ризик на ТЛ. Нашите активности ќе вродат со плод ако успееме барем еден живот да спасиме, ако успееме барем еден живот да одвлечеме од канџитге на трговците.“

На завршната конференција, проектната координаторка Инес Џемаил го презентираше проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“, реалзиранод септември 2020 година до мај 2021 година. Беа претставени целите, спроведените активности и постигнатите резултати. Клучна е соработката со пет општини: Град Скопје, Тетово, Куманово, Штип и Прилеп, и директна соработка со 10 средни училишта: СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп, СОУ „Перо Наков“ – Куманово, ОСТУ „Наце Буѓони“ – Куманово, СУГС „Шаип Јусуф“ – Скопје, СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, ОСМУ „Никола Штејн”-Тетово, СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип, СОУ „Јане Сандански“ – Штип, СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип.

Спроведени 23 едукативни работилници на тема едукација за трговијата со луѓе, препознавање на формите, начините за превенција, заштита и пријавување на можни инциденти, со вкупно учество на 433 ученици од опфатените средни училишта од Скопје, Тетово, Куманово, Штип и Прилеп (317 женски, 116 машки), од различни етнички заедници, на возрасат од 14 до 19 години. Вкупно 51 ученици од истите, активно се вклучја во креирањето и реализација на јавна кампања преку подготовка и креирање кратки промотивни видеа со цел пренесување на стекнатото знаење до останатите врсници и општата јавност. Спроведена јавна кампања „Информирај се! Секој може да биде жртва на трговија со деца“ преку дистрибуција на промотивните видеа со дополнителни верзии со превод на ромски јазик, на социјалните мрежи, локални и национални медиуми, споделување директни информации до останати организации, медиуми, инситутции, училишта и останати засегнати страни.
Во проектот имплементиран од страна на РАЖМ „Лулуди“ во улога на локални советници беа вклучени соработниците: Здружение на мултиетничко општество за човекови права- Штип, „Дром“- Куманово, АДРР „Сонце“ – Тетово , Рома Перспектив – Прилеп и ЗГ „Ромаверзитас“- Скопје.

По презентирањето на проектот и проектните резултати, следеше излагање од страна на средношколците кои беа вклучени во кампањата како млади промотори во спречување на трговијата со деца и девојки, кои ги искажаа своите искуства од спроведените активности како и упатување пораки за нивните потреби и залагања за поголема вклученост и поголем број на спроведување ваков тип на активности.

„Сметам дека ваков тип на едукативни работилници треба да се организираат почесто за да се едуцираат младите кои што растат без доволна комуникација со своите родители.“„Бидејќи голем број на млади во текот на своето образование или по завршување на средното образование одат во потрага по подобар живот и работа, особено надвор од државата ние подготвивме едно видео со кое пренесовме корисни информации за претпазливост кога побаруваме или ни нудат работа се со цел младите да не бидат злоупотребени.“ „Дел од пораките кои ги испративме преку ова видео се: Стоп за присилните малолетни бракови! Не го врти погледот реагирај ! Не молчи пријави!, како и повикување на јавноста доколку препознаат дека некоја девојка е во опасност да биде воведена во малолетнички и присилен брак, мораме за тоа да ја известиме полицијата која ќе ја преземе понатаму постапката за расветлување на случајот и заштита на правата на детето.“

Пред крајот на настанот, соработничката Катерина Конеска Т., ја презентираше спроведената анализа која беше спроведена преку истражување спроведено во рамки на работилниците преку дистрибуција на прашалник за проценка на знаењето и перцепциите на вклучените средношколци. „Анализа на наодите од истражувањето за перцепциите и сфаќањата на средношколците/ките за трговијата со луѓе“ е достапна на следниот линк.

„Успешно спроведовме основна едукација за трговијата со луѓе кај над 400 средношколци од различни возрасти и етнички заедници, со поголема вклученост и фокус на девoјките, особено девојките Ромки. Увидовме потреба од ваков начин на работење со младите да се прошири и во други градови во државата, да се опфатат други училишта, ваквата едукација и информација покрај средношколските деца потребно е да бидат опфатени и едуцирани децата од основните училишта – особено од седмо до деветто одделение. Силно веруваме дека единствено соодветната рана едукација кај младите ќе придонесе кон поголема заштита и превенција младите да не влезат во синџирот на трговијата со деца. Воедно, неопходна е едукација и блиска соработка со родителите, старателите на младите како и активна вклученост на локалните и националните институции во едукација и превенција кај младите“ -Кјмет Амет, извршната директорка на РАЖМ „Лулуди“.

*Видео од одржаниот настан: https://fb.watch/5QFiF_DIaZ/