Спроведени едукативни работилници со средношколци и најава на јавна кампања на РАЖМ „Лулуди“ во рамки на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“

датум:12.01.2021

Во периодот ноември – декември 2020г., беа спроведени вкупно 23 едукативни работилници на кои што земаа учество над 400 ученици од различни етнички заедници (Роми, Албанци, Македонци, Турци, Власи, Бошњаци, Срби) од средните училишта СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ ,,Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип,  СОУ „Коле Нехтенин”- Штип, СОУ„Јане Сандански“ – Штип, СОУ „Перо Наков“- Куманово,  СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, СУГС „Шаип Јусуф“- Скопје и СОУ „Наце Буѓони“ – Куманово. Учениците беа од прва до четврта година и сите работилници беа спроведени онлајн преку платформата Zoom .

На работилниците средношколците беа едуцирани за можните форми на трговија со луѓе и деца,  разните видови на експлоатација, факторите за ризик, начините за врбување, како и за начините за заштита, пријавување и превенција. Едукативните работилници беа спроведени од страна на обучувачите Катерина Конеска и Гордана Несторовска, кои се со долгогодишно искуство и имаат експертиза во областа на човекови права, права на деца и анти-трговија со деца и млади.


По спроведената едукација на средношколците, тимот на „Лулуди“ заедно во соработка со локалните советници и средните училишта започнаа со формирање на група од околу педесетина средношколци во 5 различни тимови кои се здобија со искуство, самодоверба и мотивација да станат млади лидери – промотори во спречување и превенција од трговијата со деца. Средношколците ќе имаат за цел да го пренесат своето знаење на нивните врсници, со тоа што ќе земат учество во креирањето на кратки промотивни видеа за превенција и заштита на младите од трговијата со луѓе. Оваа активност е почетен дел од јавната кампања која ќе следи во престојниот период, која има примарна цел  подигнување на јавната свест и нивото на едукација.

Проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“ е финансиски поддржан од Европската Унија и Советот на Европа.