Responsive image


  • РАЖМ Лулуди 16 дена ќе се посвети на подигнување на свеста за формите на насилство, со посебен фокус на жената која е најчеста жртва на родово базираното и семејното насилство. Препознавање на формите на насилство е клучно за да знаеме како да реагираме, како да постапиме, и како истото да го пријавиме. Овие 16 дена заедно да научиме да ги препознаваме формите на насилство и да не го одложуваме алармот, бидејќи одложувањето на алармот значи непревземање на акција и може да доведе до несакани последици. Препознајте и пријавете насилство додека часовникот не престанал да отчукува. Како можеш да придонесеш кон поголема свесност за формите на насилство кои секојдневно не опкружуваат:


    • 1.Едуцирај се за сите форми на родово базирано насилство (прочитај го текстот подолу на веб страната)
    • 2.Помогнете некој друг да препознае насилство и охрабри го да пријави. Придружете се во онлајн кампањата преку споделување на едукативни и охрабрувачки пораки на вашите профили на социјални мрежи.Превземи го целосниот пакет од 16 различни пораки:
    • 3.Проверете ја врската со вашиот партнер преку квиз во кој вашиот идентитет останува целосно анонимен:
    • 4.Учествувај во Едукативна сесија за семејно и родово базирано насилство и права од социјална заштита и научи кои се правата на жртвите и како треба да постапиш доколку ти или твој близок се соочува со ваков проблем:
    • 5.Зачлени се во женска организација која работи на застапување на женските права:


    Што е Родово базирано насилство?


    Oвој термин е речиси синоним за насилство врз жените, иако самиот термин тоа не го имплицира. Родово базираното насилство претставува најраспространет, а сепак социјално најмногу толериран облик на кршење на човековите права. „Со терминот насилство над жените се означува секоја акт на родово базирано насилство, кој резултира или може да резултира со физичко, сексуално или психичко наштетување или страдање на жените, вклучувајќи ги и заканите за такви дејства, присила или арбитрирано лишување од слобода, без разлика дали тоа се случува во приватниот или во јавниот живот, како и лишување што произлегува од социо-економската структура во општеството.“ Declaration on the Elimination of Violence against Woman. General assembly, United Nations, (Resolution 48/104 of December 1993)

    ...


    Под семејно насилство се смета однесување на член на семејството кој со примена на сила, закана или заплашување врши телесни повреди, емоционална или сексуална злоупотреба и материјални, сексуално или работно искористување на друг член од семејството. Закон за семејство на Р. Македонија, член 99 Како семејно насилство се смета однесување сторено: од едниот брачен другар врз другиот брачен другар, кои живеат или живееле во брачна или вонбрачна заедница или во кој било вид на заедница како семејство или ако имаат заедничко дете; меѓу браќа и сестри, полубраќа и полусестри; над дете; над постари членови во семејството; над лица – членови на семејството чија деловна способност е делумно или целосно одземена. За семејното насилство специфичен е конитнуитетот на инцидентите кои што вообичаено се случуваат според определен образец. Според едно истражување, секоја втора жена во Република Македонија е жртва на психичко насилство, додека пак секоја шеста претрпела физичко насилство . Кога зборуваме за семејно насилство, важно е да знаеме дека истото се случува во повеќе облици и тоа: В. Чачева, С.Мишев, Ј. Фришчиќ - Живот во сенка (2007), ЕСЕ - Скопје

    Секое дејствие кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и интегритетот на жртвата. Се манифестира низ неколку конкретни однесувања и тоа: контрола, изолација, љубомора, предизвикување емоционални страдања на жртвата, заплашување, заканување дека ќе ја повреди жртвата или луѓе блиски на жртвата, омаловажување и понижување, инсистирање да знае каде и со кого е постојано и слично.

    Секое дејствие на примена на физичка сила или дејствие со кое се нарушува здравјето на жртвата. Под физичко насилство се подразбира од најмали до најсериозни повреди, па дури и ескалира со обид за убиство или убиство.

    Секое дејствие на сексуален акт и сексуално вознемирување врз лице без дадена согласност. Се манифестира низ неколку конкретни однесувања и тоа:силување, несакан сексуален однос, понижувачки сексуален однос, присила на гледање порнорафски материјали, поведување и слично.

    Секое дејствие на ограничување или спречување во располагање со лични приходи и финансиски средства, за одржување на заедничкото домаќинство и за грижа на детето, со што се предизвикува економска зависност на жртвата.



    Во РСМ постојат институции и организации каде може да пријавите насилство, да побарате правна помош, и да добиете поддршка.
    • Министерство за труд и социјална работа https://www.mtsp.gov.mk/prijavi-semejno-nasilstvo.nspx
    • Кризен центар Надеж СОС телефон 02 15 315
    • Организација на жени на Скопје СОС телефон 02 15 700
    • Бесплатна СОС линија на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) 070/ 141 700, 075 141 700 и 077 141 700.
    • ЕСЕ – Центар за правна помош Скопје 02 3117 866
    • Хелсиншки комитет, Центар за бесплатна правна помош 02 3119 073
    • ОЖ Свети Николе, Центар за бесплатна правна помош 032 444 620
    • Флоренс Најтингел - Куманово, Центар за бесплатна правна помош 031 414 291
    Во РСМ има четири регионални центри за жртви на семејно насилство каде што можат да се сместат 25 луѓе (шелтер центар во Битола, шелтер во Свети Николе, шелтер во Кочани, шелтер центар во Скопје). Покрај центрите кои се под државна капа постојат и неколку невладини организации кои во улога на кризни центри овозможуваат ургентно сместување на жртвите во период од 24-28 часа, како што се организациите кризен центар Надеж во Скопје, организација на Жени на Град Скопје, Македонски центар за женски права-Шелтер за жени и деца жртви на насилство. Центри за упатување на жртви на сексуално насилство има во три градови во државата – Куманово, Тетово и во Скопје.