ИНФОРМИРАЈ СЕ! СЕКОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ЖРТВА НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ!
![]() |
ПОСТОЈАТ МНОГУ НАЧИНИ ДА ПРИДОНЕСЕШ КОН СПРЕЧУВАЊЕ НА ТРГОВИЈАТА СО ДЕЦА И ДЕВОЈКИ, А ЕДЕН ОД НИВ Е СПОДЕЛУВАЊЕ НА ОВИЕ ПЕТ ВИДЕА!
Соодветната едукација и препознавање на формите на трговија со луѓе е клучно за да знаеме како да се заштитиме, како да реагираме, како да постапиме, и како истото да го пријавиме. Соодветната едукација ќе придонесе кон поголема заштита и превенирање младите да не влезат во синџирот на трговија со луѓе.
Подржете ја онлајн кампањата преку споделување на едукативните промотивни видеа подготвени од страна на средношколците од 10 средни училишта од Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Штип, како активни актери во општеството, млади лидери – промотори во спречување и превенција од трговијата со деца.
Учествувај и ти, сподели ги видеата преку твоите профили на социјални мрежи и други канали за комуникација и придонеси младите и општата јавност да се едуцираат, да знаат како да препознаат и избегнат можни случаеви на трговија со луѓе, како и да се охрабрат да пријават доколку забележат дека им се случува ваква злоупотреба!
Во подготовката на промотивните видеа земаа учество ученици од средните училишта: СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ „Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип, СОУ „Коле Нехтенин“”- Штип, СОУ ,,Јане Сандански” – Штип, СОУ „Перо Наков“- Куманово, СУГС „Шаип Јусуф“- Скопје, и СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје.
Милиони млади и деца, жени, но и мажи, секојдневно се принудуваат на проституција, питачење, слугување во куќи, работа на плантажи и на други видови принуда. Се проценува дека на меѓународно ниво денес има помеѓу 20 и 40 милиони луѓе жртви на трговија со луѓе. Според деветиот Генерален извештај на ГРЕТА, објавен март 2020 година, во Европа се забележува тренд на зголемување на идентификувани жртви на трговија со луѓе за 45%, притоа бројката на идентификувани жртви на трговија со луѓе во Европа во 2018 година е околу 15 300 лица. Во Македонија бројот на идентификувани жртви на трговија со луѓе во 2018 година е 9, од кои поголемиот дел се малолетни лица. Според Извештајот на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во 2019 година во РСМ од страна на институциите се идентификувани 6 жртви на трговија со луѓе, од кои 4 се деца, од женски пол. 86 потенцијални жртви на трговија со луѓе и тоа 67 женски и 19 се машки; од кои: 62 лица под 19 години, додека 24 лица се на возраст од 19-50 години). Во РСМ злоупотребата на деца преку присилна сексуална експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација се доминанти форми на трговија со луѓе, а најголемиот број евидентирани деца жртви на трговија се женски деца на возраст од 14 до 16 години.
Трговија со деца претставува трговија со луѓе односно со деца преку регрутирање, транспорт, трансфер, сместување и прифаќање со цел експлоатација и злоупотреба на детето, во или надвор од земјата, преку употреба на измама, присила, убедување преку давање лажни ветувања, примена на сила и моќ. Децата може да бидат измамени и експлоатирани од страна на непознати и познати лица, најчесто преку социјалните медиуми на интернет, привлечни огласи за заработка, киднапирање итн. Дете ќе се смета за жртва на трговијата со луѓе без оглед дали некои средства (насилство, измама, злоупотреба на позицијата на ранливост, итн.) биле употребени за да се регрутира детето со цел негова експлоатација. Согласно член 177-а од Законот за семејството, дете жртва на трговија со луѓе е малолетно лице до 18 години кое со или без негова согласност, на кој било начин, станало жртва на трговија со луѓе заради експлоатација. Поимот “дете“ значи секое лице кое е на возраст под осумнаесет (18) години. Согласноста на детето - жртва е ирелевантна, дури и во случај да не е користено ниту едно од следниве средства: сила, принуда, киднапирање, измама, злоупотреба на сила или други дејства, преземени додека детето се наоѓа во состојба на ранливост или додека се наоѓа под контрола на друго лице.
Целта на трговијата со луѓе е остварување на заработка или некоја друга корист преку некоја врста на експлоатација или искористување на жртвата. Експлоатацијата на жртвата може да има неколку облици, како најчести се:
Доколку ти се наоѓаш во опасност или познаваш лице кое е во опасност или е потенцијална жртва на трговија со луѓе/деца стапи во контакт со релевантни институции кои може веднаш да ти помогнат тебе или на лицето во опасност. Дури и да ти е потребен само совет или консултација, може да се обратиш на следните контакти:
- 0800 11 111 или на 077 811 191 бесплатната SOS телефонска линија
- 192 Полиција
- ЦРВЕНО КОПЧЕ/ RED BUTTON: http://redbutton.mvr.gov.mk/prijavi.aspx
- 076 456 795 и 075 311 726 - Национален механизам за упатување/ Центар за социјална работа при МТСП.
